Top Sport

Јувентус нема да го отпуштат Пирло, ниту да го продадат Роналдо

Директорот на Јувентус, Фабио Паратичи признава дека перформансите при поразот од Беневенто не се „на стандардите на нашиот клуб“, но инсистира дека тие му ја даваат целосната поддршка на Андреа Пирло, но и на Кристијано Роналдо, и додава дека двајцата остануваат дел од стратегијата за иднината.

Поразот посебно боли бидејќи доаѓа од клуб кој немаше победа во последните 11 меча.

„Секако, ова беше неочекувано. Во текот на годините им дадовме на фановите многу причини з радост, но денеска им дадовме само разочарување. Ова беше лош меч, но сезоната продолжува и треба да работиме. Ова сепак, не ги менува нашите стратешки определби. Имаме проект кој почна минатата сезона и еден натпревар нема да ја смени стратегијата. Претходните тренери не беа сменети поради лошите резултати, туку поради различни причини. Со пораз или победа, стратегијата не се менува. Среќни сме со тоа што го имаме и ќе работиме на подобрување. Ова е Јуве, го имаме Кристијано Роналдо, најдобриот играч на светот и одиме понатаму“, вели Паратичи.

Самиот Пирло вели дека нема притисок, но додава дека е разочаран.

„Нема притисок, но има очекување за подобро од ова што го видовме. Ова беше лош ден во секој аспект, со однесувањето на теренот, техничките грешки, се! Кога играте вака, не може да победите. Скудето? Мораме да веруваме во тоа, да продолжиме да работиме и да не ја менуваме целта. Носиме скапоцен дрес и мора да го почитуваме секогаш“, вели Пирло.

Scroll to Top