По елиминацијата од Лигата на шампионите, огромниот пад на вредноста на нивните акции на берзата, во Јувентус веднаш решиле да реагираат и тоа со преговори со Антонио Конте за враќање на кормилото на клубот.
„Скај спорт Италија“ тврди дека шпекулациите за заминување на Масимилијано Алегри ова лето се вистинити и дека од клубот веднаш го контактирале Конте за можно враќање во клубот, иако изворите тврдат дека се работи само за „тестирање“ дали тренерот е достапен.
49-годишниот Конте оваа година паузира од тренерската работа, откако беше заменет на клупата на Челси со сонародникот Маурицио Сари и шпекулациите го поврзуваа со враќање во Италија во Интер, Милан или Рома.
Конте ги предводеше „бјанконерите“ до три титули едноподруго пред да замине во 2014 година, а претходно тој како фудбалер имаше над 400 настапи за нив со пет титули во Серија А и една од Лигата на шампионите.