Сагата околу трансферот на Килијан Мбапе е една од главните теми во фудбалскиот свет, во последните две сезони. Повеќе извори тврдат дека Мбапе ќе го напушти ПСЖ во овој преоден рок. Напаѓачот има договор со „светците“ до наредното лето.
Мбапе ги шокираше сите во клубот, кога со писмо ги извести челниците на ПСЖ дека нема да ја искористи опцијата за продолжување на договорот до 2025 година.
Напаѓачот сака да ја одработи оваа сезона во ПСЖ и потоа како слободен играч да го напушти клубот. Желбите на играчот се едно, а реалноста во која се наоѓа клубот нешто друго.
ПСЖ мора да го продаде играчот за да го испочитува финансискиот фер-плеј, во спротивно ќе се најде во серизни проблеми.
Француските медиуми вчера објавија дека клубот му поставил ултиматум на Мбапе и дека тој има рок до крајот на јули да каже дали ќе го продолжи договорот, доколку не го стори тоа ќе биде продаден.
Истовремено, шпанскиот Кадена СЕР пренесува дека играчот ги договорил личните услови со Реал и дека сега се чека само договор меѓу клубовите околу обештетувањето.
Според овој извор, Мбапе ќе добие петгодишен договор во „кралскиот клуб“, до летото 2028 година. Неговата плата ќе изнесува 50 милиони евра годишно. Покрај тоа, клубот во неговиот договор ќе вклучи клаузула за обештетување од една милијарда евра.