Бразилската фудбалска легенда Кака вели дека богатата понуда од Манчестер сити во 2009 година го „измешала“ неговиот ум, пред да се реши на трансфер во Реал Мадрид.
Талентираниот плејмејкер во тој момент беше носител на „Златната топка“, а Манчестер сити само што беа купени од шеикот Мансур и почнаа да трошат пари, но не успеаја да го привлечат Кака да замине од својот омилен Милан.
„Бев дома и ми се јави мојот татко, кој беше многу возбуден. Ми кажа дека англиски клуб, Манчестер сити направил голема понуда за мене. Пред да реагирам, тој додаде дека Милан се подготвени да ја прифатат. Процесот беше навистина чуден. Сити не зборуваа со мојот тако, кој ми беше агент. Тие директно отидоа кај Милан и кажаа јасно дека ме сакаат. Тоа можеше да биде нов возбудлив предизвик за мене, но дојде од никаде и наскоро се чувствував збунет и не ми беше пријатно. Платата ќе беше многу повисока од таа што ја добивав во Милан. Не бев убеден дека тоа ќе функционира“, вели Кака.
Иако Сити не го убедија, тоа го направија Реал Мадрид.
„Кога, конечно, заминав од Милан неколку месеци подоцна, заминав во Реал Мадрид. Ако морав да бирам друг клуб после Милан, тоа можеше да биде само Реал Мадрид“, вели 35-годишниот Кака.