Top Sport

Кака потпишал за Милан поради „астролошката карта“

Агентот Гаетано Паолило на 38. роденден на Рикардо Кака открива дека тој воопшто не сакал да си замине од Милан и покрај тоа што клубот го продал на Реал Мадрид, додавајќи дека претходно тој ги одбивал Манчестер сити и Интер.

Паолило е човекот кој го „откри“ Кака како млад фудбалер во Сао Пауло во мај 2003 година.

„Иако се враќаше од повреда, беше неверојатен, постигнувајќи гол и асистенција, а имаше уште две-три шанси. Се запознав со неговиот татко и го прашав за кој клуб Рикардо сонува да игра. Тој веднаш ми одговори Милан и му побарав 30 дена за да се договорам. Потоа почнав да зборувам со Адријано Галијани, но не беше лесно, бидејќи во тимот го имаа Мануел Руи Коста и Ривалдо. Дури им го понудив на Интер, но Ектор Купер не го сакаше со неговата 4-4-2 формација. Никој друг не беше заинтересиран, што ми беше чудно. На крајот, адвокатот на Милан, Леонардо Кантамеса му направи астролошка мапа и им кажа дека мораат да потпишат, бидејќи ѕвездите така велат. Потоа го убедија и Галијани“, открива Паолило.

Кака блесна во Милан, но клубот беше во финансиска криза и за малку ќе го продадеше за 100 милиони евра во Манчестер сити во 2009.

„Да беше до Милан, тие ќе ја прифатеа понудата од 100 милиони од Сити, но Кака го одби трансферот. Секоја година Реал ги прашуваше дали е достапен, но тој не сакаше да замине. По последниот меч со Милан во Фиренца во 2009, тој си замина со бразилската репрезентација и си зеде само ранец. Ми кажа дека ќе се сретнеме за еден месец на аеродромот, но Милан го продадоа на Реал додека тој беше во Бразил. Тој не сакаше да замине и парите не му беа важни. Го сакаа во Милан и тој беше среќен, но клубот го стави на продажба“, објаснува Паолило.

ТОП ретро – уметноста на фудбалот во режија на Рикардо Кака

Scroll to Top