Фабио Канаваро е еден од тројцата одбранбени фудбалери кои во 60 годишната историја на доделувањето на „Златната топка“ успеал да го добие ова престижно признание. Покрај Канаваро тоа им успеало и на двајца Германци Франц Бекенбауер и матијас Замер.
Канаваро „Златната топка“ ја освои во 2006 година, кога како капитен ја предводеше Италија до титулата на Светското првенство во Германија. Неговиот избор таа година беше протолкуван како награда за сите оние играчи кои на теренот гинат за својот тим.
Канаваро во видео-разговор со својот поранешен соиграч Ернан Креспо се присетил на својата најдобра година во кариерата.
„Прекрасно е што ја добив Златната топка, но да бидеме реални немаше да ја добијам доколку на СП играше Дел Пјеро и доколку Тоти можеше да оди“, со насмевка на лицето рекол Канаваро.
Поранешниот капитен на Италија алудирал дека Дел Пјеро натпреварите на СП во 2006 година ги започнуваше како резерва, а Тоти играше во лоша форма и на речиси сите натпревари селекторот го менуваше токму со Дел Пјеро во второто полувреме.