Натпреварот во Дортмунд помеѓу Борусија и Келн ќе го отвори 19 коло во германската Бундеслига. Ова е дуел на тимови кои имаат различни амбиции до крајот на сезоната, Дортмунд имаат желба да ја освојат титулата, а Келн да изборат опстанок во лигата.
Дуелот во Дортмунд ќе биде вистински тест за одбраната на Келн, најмногу поради Ерлинг Халанд, кој во дебито во Бундеслигата постигна хет-трик.
Тренерот на Келн Маркус Гидсол има интересна идеа како да го запре норвешкото чудо од дете.
„Нашиот тимски автобус е навистина голем. Можеби ќе го паркираме пред нашиот гол. Или да паркираме три автобуси?“, се пошегувал 50 годишниот тренер на Келн.
„Можеби можеме да го запреме, можеби не…знам само дека ќе биде грешка доколку се насочиме само кон него. Во Борусија има многу добри играчи“.
Натпреварот на „Вестфален“ ќе започне во 20.30 часот, а Келн очекува поддршка од 8.000 свои навивачи.