Шпанските медиуми дојдоа до протоколот кој Ла Лига им го испратила на клубовите, а во кој се наведени правилата на кои ќе треба да се придржуваат навивачите кога ќе им биде дозволено да се вратат на трибините.
Протоколот напишан на 16 страници наведува дека бројот на навивачи на стадионите ќе биде ограничен, а на трибините ќе влегуваат во посебно одредени термини. Највозрасните ќе влегуваат последни и ќе бидат сместени поблиску до излезите.
На ској што ќе сака да влезе ќе му биде мерена телесната температура и доколку таа биде поголема од 37,5 степени Целзиусови нема да му биде дозволен влез.
Секако на стадионите ќе мора да се почитува социјалната дистанца и ќе биде задолжително носење на заштитните маски.
Сезоната во Шпанија продолжи на 11 јуни, а се шпекулира дека последните две кола би можеле да бидат одиграни со присуство на публика.