Top Sport

Како Мет Базби и Французите се виновни што Манчестер јунајтед се „црвени ѓаволи“

Манчестер јунајтед одамна го носи прекарот „Црвени ѓаволи“, но тоа не е најстариот прекар кој го имал славниот клуб од „Олд Трафорд“.

Оригиналниот прекар на Јунајтед е „пагани“ (Heathens) во раната историја на клубот, бидејќи во 1878 година кога се основина клубот се викал Њутон Хит  (Newton Heath Football Club).

Тие се преименуваа во Манчестер јунајтед во 1902 година кога добија нов сопственик и тој реши да го ребрендира клубот, кој оттогаш беше познат само како Јунајтед.

Во 1945 година клубот го презеде легендарниот тренер Сер Мет Базби, кој донесе „еден куп“ млади фудбалери по што печатот ги нарече „Бебињата на Базби“. По трагичната авио-несреќа во Минхен во 1958 година, кога загинаа 23 луѓе, од кои 8 фудбалери, прекарот беше сметан за неприкладен.

Базби, тогаш се фати со задачата да најде нов прекар за тимот, и инспирација најде во англискиот рагби клуб Салфорд (од Манчестер), кој во 1930-тите години од минатиот век имаше турнеја низ Франција, а бидејќи носеа црвен дрес, францускиот печат ги нарече „Les Diables Rouges“, или Црвени ѓаволи. Базби сметаше дека прекарот е поприкладен од „бебињата“ и дека звучи заканувачки кон противниците и клубот го послуша и почна да го прикажува логото со ѓаволот на шаловите.

Грбот на клубот беше редизајниран во 1970, кога препознатливиот ѓавол со трозабец стана синоним за тимот.

Scroll to Top