Top Sport

Каков ден за Кристијано Роналдо!

Кристијано Роналдо во кариерата има многу денови за паметење – сите титули кои ги освоил, сите важни голови, меѓутоа, сигурно дека ќе го памети 15 јуни 2018 година.

Тоа е денот на кој уште еднаш ги „замолче“ сите негови критичари со фантастичен хет-трик за 3:3 реми против Шпанија, но и ден во кој од Шпанија дојде веста дека тој добива двегодишна казна затвор (во кој, сепак, нема да заврши) за затајување данок. Совршен одговор на не толку совршен ден.

Бројките и статистиката се безмилосни за критичарите на Португалецот – тој стана најстариот фудбалер со хет-трик на едно СП со својот неверојатен 51 хет-трик во кариерата (и шести за Португалија), стана само четвртиот фудбалер кој постигнал голови на четири СП во низа, прв фудбалер кој дал три гола на еден меч на Шпанија…

Жозе Мурињо, неговиот сонародник, кој работи како ТВ-коментарот на Мундијалот кажа сѐ во една реченица.

„Има фудбалери за некои мечеви. Има фудбалери за сите мечеви. Има и фудбалери за посебни мечеви. Фудбалерите за посебни мечеви се тие вистинските“, изјави Мурињо.

По мечот, Роналдо не сакаше да зборува за даночните проблеми во Шпанија, ниту за тоа дали ќе продолжи во Реал Мадрид, туку ги пофали своите колеги.

„Ова е резултат на работата која ја завршивме последните години. Луѓето секогаш веруваа во мене и јас работам за мојата држава. Се обидовме да победиме, но ремито е фер бидејќи тие имаа повеќе шанси и поголема контрола на топката. Тимот се жртвуваше до самиот крај, а не заборавајте дека игравме против еден од фаворитите“, вели Роналдо.

Во вечната дискусија околу тоа кој е подобар – Роналдо или Лионел Меси, можеби одговорот ќе го добиеме на овој Мундијал. Утре Меси ќе треба да ја „носи“ својата Аргентина против Исланд…

Роналдо сам против цела Шпанија! (видео)

Scroll to Top