Top Sport

Калдерони со прекрасен гол ги „казни“ Милан – Пиоли стартуваше само со реми (видео)

Стефано Пиоли немаше најдобар старт на кариерата како тренер на Милан, откако „росонерите“ во последниот меч од 8. коло на Серија А и покрај тоа што двапати имаа водство мораа да се задоволат со 2:2 реми со новиот прволигаш, Лече.

Мечот почна добро за „росонерите“ – Чалханоглу, фудбалерот кој често беше на мета на навивачите на Милан поради непостојаната игра, во 20. минута постигна прекрасен гол за водство на тимот, чии ултраси натпреварот го поминаа без навивање во знак на протест по слабите игри и именувањето на Пиоли (инаку навивач на Интер).

Меѓутоа, во второто полувреме, Лече успеа да израмни во 62. минута, откако беше досуден пенал по прегледувањето на ВАР-снимките. Фантастичниот Џиџи Донарума успеа да му го одбрани ударот, но одбиената топка повторно дојде пред Сенегалецот, кој ја смести во мрежата.

„Џокер“ на Пиоли беше Кшиштоф Пјонтек, кој влезе во игра во 67. минута и во 81. минута по одличната асистенција на Чалханоглу ја затресе мрежата на гостите. Кога се мислеше дека Милан, конечно, ја впиша и четвртата победа оваа сезона, Марко Калдерони во 92. минута од мечот постигна апсолутно прекрасен гол од далечина за поен за тимот од југот на Италија.

Scroll to Top