Top Sport

Кан: Бундеслигата е здодевна

Еден од најдобрите германски голмани на сите времиња, Оливер Кан (56), изјави дека Бундеслигата станала предвидлива и здодевна, истакнувајќи дека Баерн бил национален шампион 12 пати во последните 13 сезони, објавија германските медиуми. Кан беше претседател на одборот на Баерн од 2021 до 2023 година.

„За време на мојата фудбалска кариера, Бундеслигата беше понеизвесна, имаше повеќе тимови кои се натпреваруваа за титулата. Како може клуб со буџет од 40 милиони евра да се натпреварува против тим со годишен буџет од 300 милиони евра. Пет резервни играчи на Баерн вредат повеќе од тимовите од долната третина од Бундеслигата. Имаме ситуација каде што Баерн бил национален шампион 12 пати во последните 13 сезони. Лигата стана предвидлива и здодевна, а на долг рок тоа не е добро“, рече Кан.

Тој играше за баварскиот клуб 14 години, а се пензионираше во 2008 година. Имаше 86 настапи за германската репрезентација и беше најзаслужен за тоа што „Елф“ стигнаа до финалето на Светското првенство во 2002 година (во финалето беа поразени со 0-2 од Бразил).

Кан истакнува дека Бундеслигата сè уште ужива голема популарност во Германија, но проблемот го гледа во фактот дека не е доволно привлечна на меѓународно ниво.

„Мораме да ја гледаме Бундеслигата од два агли. Дома, таа е солидна институција, привлечна е за нашите навивачи, а натпреварите имаат голема посетеност. Сепак, секогаш кога разговарам со некого во странство, луѓето таму не гледаат никаква значајна разлика помеѓу Бундеслигата, италијанската Серија А или француската Лига 1“, рече тој и додаде:

„Но, затоа тие ќе знаат сè за англиската Премиер лига или шпанската Ла Лига, добро ги познаваат сите клубови и најголемите ѕвезди во тие лиги. Затоа, ми е сосема разбирливо што еден од нашите најдобри фудбалери, Флоријан Вирц, замина во Ливерпул, во најатрактивната лига во светот.“

Фото/ Принскрин

Scroll to Top