Генералниот директор на Баерн, Оливер Кан, потврди дека баварскиот клуб го продаде напаѓачот Роберт Левандовски на Барселона. Се шпекулира дека Баерн преку бонуси ќе заработи 45 милиони евра и дополнителни пет милиони евра.
„Пред два месеци немаше конкретна понуда. Барселона сега понуди обештетување што ја прави продажбата на Левандовски разумна за нас. Бевме успешни на пазарот и доведовме напаѓач од светска класа, тоа е Садио Мане. Верувам дека можеме да се бориме за сите титули. Покрај Мане ги доведовме и Гравенберг и Мазрауи, а сега имаме повеќе простор за маневрирање“, изјави Кан и додаде:
„Постигнат е вербален договор, допрва треба да се состави договорот. Мојата единствена цел е да го направам она што е најдобро за Баерн. Секогаш бевме во добра позиција во преговорите и на крајот сметавме дека е најдобро да му дадеме дозвола на Роберт да оди. Да се држам за нешто само поради тврдоглавост или его ми е знак на слабост“.
Левандовски е четвртото и убедливо најгласното засилување на Барселона ова лето – претходно црвено-синиот дрес го носеа Франк Кесиер (Милан), Андреас Кристенсен (Челзи) и Рафиња (Лидс).
Во срцето на нападот, најголема конкуренција на Левандовски ќе му бидат Пјер-Емерик Обамејанг и Феран Торес.
Левандовски е играч на Баерн од 2014 година, кога во тимот од Баварија се пресели од Борусија Дортмунд, на која и се приклучи во 2010 година.
Во дресот на Баерн одигра 375 натпревари и постигна 344 гола, освои осум титули во Бундеслигата и Лигата на шампионите во сезоната 2019/2020.
За полската репрезентација настапи 132 пати и постигна 76 голови. Никогаш не ја освоил Златната топка.