Top Sport

Кан: Роналдо не е за Баерн

Претседателот на Баерн Минхен, Оливер Кан, ја отфрли можноста за доаѓање на Кристијано Роналдо, велејќи дека Португалецот не се вклопува во филозофијата на германскиот клуб.

„Разговаравме за тоа, инаку немаше добро да си ја вршиме работата. Мислам дека Кристијано Роналдо е еден од најдобрите фудбалери што некогаш постоеле на оваа планета. Но, дојдовме до заклучок дека и покрај сета почит што ја имаме кон него , во сегашната ситуација, тој не би одговарал на нашата филозофија“, изјави Кан за „Билд“.

Кан не објасни што сака да каже со „филозофијата на Баерн“, но клубот нема традиција да доведува светска ѕвезда, чија висока плата би ризикувала да создаде лоша атмосфера меѓу играчите. Исто така, во Баерн претпочитаат да им даваат можности на младите таленти, отколку на играчите кои се пред крајот на кариерата.

Роналдо има договор со Манчестер јунајтед на уште една година, а 37-годишниот Португалец по завршувањето на минатата сезона изјави дека е незадоволен од амбициите на клубот и дека би сакал повторно да игра во Лигата на шампионите.

Јунајтед оваа сезона ќе игра во Лига Европа, откако заврши на шестото место во Премиер лигата, со 35 бода помалку од шампионот Манчестер Сити. Тимот освои 58 поени, најмалку од основањето на Премиер лигата во 1992 година.

Роналдо ја пропушти претсезонската турнеја на Манчестер јунајтед, а на почетокот на неделата се врати во Англија и разговараше со тренерот Ерк тен Хаг, кога, според британските медиуми, повторно изразил желба да си замине.

Една од пречките за наоѓање нов клуб ќе биде платата, бидејќи минатата сезона Роналдо беше најплатениот фудбалер на Јунајтед со повеќе од 500.000 евра неделно.

Кан во интервју за „Билд“, изјави дека клубот е заинтересиран за напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, но потсети дека 28-годишниот фудбалер има договор со лондонскиот клуб.

Кејн е под договор до 2023 година, а неговиот тренер Антонио Конте пред неколку дена се пожали на обидот на Баерн да го доведе напаѓачот на Тотенхем.

Баерн сака да доведе уште еден напаѓач откако Роберт Левандовски замина во Барселона. Германскиот шампион ова лето веќе ги доведе Садио Мане од Ливерпул и 17-годишниот Матис Тел од Рен.

Scroll to Top