Top Sport

Канатларовски ќе ја предводи У-15 репрезентацијата

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука Драган Канатларовски – Цапар да биде назначен за селектор на македонската репрезентација до 15 години. Поранешниот репрезентативец по 12 години се враќа во македонскиот фудбал.

-Можеби за некои моето назначување за селектор на македонската репрезентација до 15 години е изненадувачки, но сите кои ме познаваат, знаат дека јас сум во фудбалот поради фудбалот, а не заради функциите. Желба ми беше да имам своја академија каде што ќе можам да го пренесам знаењето на младите фудбалери, а овој чекор во мојата кариера е предизвик и за мене да се потрудиме да постигнеме едно повисоко ниво во работата со младите категории. Сигурен сум дека со ова најмногу ќе добијат младите фудбалери. Во изминатиот период имав прилика да гледам дел од натпреварите на младиските национални тимови, запознаен сум со условите за работа, ме радува тоа што секоја селекција се третира на високо ниво, со голем број натпревари и се надевам дека заедно со луѓето од федерацијата ќе работиме да бидеме уште поконкурентни и да создаваме фудбалери кои ќе напредуваат во различни возрасни категории, изјави Драган Канатларовски.

фото/ffm.mk

Scroll to Top