Top Sport

Канаваро: Марадона беше постер на фудбалот, секогаш со крената глава

Ќе остане запишано дека Диего Марадона скромниот тим на Аргентина го донесе до светската титула, а една година подоцна и „тенката“ екипа на Наполи ја донесе до тронот во Италија. Второто Скудето во 1990 година веќе било друга приказна, имало тогаш во клубот од Неапол повеќе звучни имиња.

Малку е познато дека покрај Диего, во Наполи доаѓале и некои млади играчи што подоцна ќе станат големи имиња на италијанскиот фудбал.

Почнувајќи од Чиро Ферара, преку Џанфранко Ѕола па се до Фабио Канаваро.

Официјално најдобриот светски играч во 2006 година, освојувачот на Златната топка таа година раскажа како изгледало да се биде со Марадона, во ист тим.

„Бев младо момче кое собираше топки и ги гледав шампионите како тренираат. Како момче играв во средниот ред додека тренерот не ми ја промени позицијата. Ништо не реков, послушав. На првиот тренинг со првиот тим сјајно ме прифати Чиро Ферара. Бев воодушевен што на теренот ќе се сретнам со Диего Марадона. Му реков на Чиро:`Можеш ли да веруваш дека ќе тренирам со Марадона?`, тој ми одговори:`Не сине, нема да тренираш со Марадона. За да биде тренинг, потребно е да ја шутираш топката, а ти ќе ја немаш таа можност затоа што топката е постојано залепена за неговата нога. Нема ни да влезеш во дуел со него затоа што ќе ти побегне`“ – раскажува Фабио Канаваро.

Тој се присетува дека сепак еднаш успеал, силно влетал во Диего и го запрел. Соиграчите му биле лути, тренерот го прекорил, но Марадона ги запрел:

„Браво момче, се е ок, рече. Дојде до мене по тренингот и се насмеа. Ми ги даде неговите копачки. Успеав барем еднаш да го запрам идолот. Тогаш сфатив дека секогаш ќе морам да одам против најдобрите за да станам најдобар во својата работа. Марадона беше постер на фудбалот. Секогаш со крената глава и со градите напред. Таквиот став им даваше крила на соиграчите. Дури и кога ќе погрешевме, ништо не ни велеше, се гледаше се од говорот на неговото тело, затоа и противниците му се плашеа“ се потсети Канаваро.

Scroll to Top