Top Sport

Кантона: Мурињо е погрешен човек за Манчестер јунајтед

Жозе Мурињо не е вистинскиот човек кој треба да биде на чело на Манчестер јунајтед, кои требаа да го ангажираат тренерот на ривалскиот Манчестер сити, Пеп Гвардиола, вели легендата на „ѓаволите“, Ерик Кантона.

Околу „маките“ на Мурињо и Манчестер јунајтед на стартот на сезоната се напишаа многу работи, и Кантона, кој освои четири титули од Премиер лигата на „Олд Трафорд“, никогаш не криел дека не го сака фудбалот на Мурињо.

„Не, воопшто не е добро. Но, се работи за почетокот на сезоната и прерано е да се прогнозира. Манчестер јунајтед е голем клуб и секогаш ќе биде голем клуб. Тие ќе победуваат, тоа е сигурно. Но, начинот на кој играат? Тој воопшто не е добар. Менаџерот ги тера да играат на погрешен начин за навивачите. Нема забава, нема креативност. Ми се допаѓа Мурињо, бидејќи има добар карактер, но не за Јунајтед, тие требаа да го земат Гвардиола. Но, тој прави магија со тој другиот клуб. Клубот кој не можам да го именувам“, вели Кантона во интервју за „Дејли мејл“.

Гвардиола лани ги предводеше Сити до рекордна титула со 100 поени, и Французинот има само пофални зборови за ривалот.

„Јас се шегувам за Манчестер сити, но тие играат добар фудбал. Само што мислам дека Гвардиола треба да е во Јунајтед. Тој е духовно дете на Јохан Кројф, играше под него во Барселона и научи од него. Тој е единствениот кој треба да е на ’Олд Трафорд’. Или да ме повикаат мене, ќе играат повторно креативен фудбал“, додава Кантона.

Scroll to Top