Легендарниот француски фудбалер, Ерик Кантона смета дека ФИФА и УЕФА треба да ги елиминира израелските клубови од сите натпреварувања.
Причината, секако, е геноцидот извршен од израелската држава во Појасот Газа.
Се проценува дека 66.000 луѓе, вклучувајќи деца, се убиени во нападите на израелската армија од 2023 година.
Кантона присуствуваше на концертот „Заедно за Палестина“ што се одржа во Лондон, од каде што испрати јасна порака до лидерите на двете големи фудбалски организации. На споменатиот настан настапија музички ѕвезди како Дејмон Албарн и Бастил, а се појавија и филмски ѕвезди како Бенедикт Камбербач.
„Играв за Франција и Манчестер јунајтед. Знам дека меѓународниот фудбал е повеќе од само спорт, тоа е култура, тоа е политика, тоа е моќ“, рече Французинот, а потоа додаде:
„Со начинот на кој земјата се претставува на глобалната сцена, дојде време да му се одземе таа привилегија на Израел. Четири дена откако Русија ја започна војната во Украина, ФИФА и УЕФА ја суспендираа Русија. Сега поминаа 716 дена од она што Амнести Интернешнл го нарече геноцид – а на Израел сè уште му е дозволено да се натпреварува“, истакна легендарниот Французин.
Фото/ Принтскрин