Француската фудбалска легенда, Ерик Кантона признава дека е изненаден од одлуката на бразилската ѕвезда Нејмар да си замине од Барселона за 222 милиони евра и да игра за Пари Сен-Жермен.
Поранешниот напаѓач на Лидс и Манчестер јунајтед играше во француската лига во Марсеј и Оксер, но во интервју за „Јаху спортс“, јасно покажа дека не ја цени домашната лига.
„Кога имаш 25 години и играш за Бразил и Барселона, не ми е јасно зошто би дошол во Франција да играш против Генгамп и Амиен. Лигата на шампиони? Тоа се максимум 10 меча во сезона. Не ми е јасно зошто дојде во Франција. Тоа не е мојата визија за страста и фудбалот. Никогаш не сум гледал Л1. Што ќе гледам? ПСЖ-Генгамп? Навистина не ме интересира“, изјави Кантона.
Нејмар сега е вториот најплатен спортист на светот со годишна плата од 36.8 милиони евра и само Карлос Тевез, кој игра во Кина има повисока плата.
Кантона од друга страна објасни кои играчи на ПСЖ го интересираат.
„Дали Хавиер Пасторе уште игра за ПСЖ? Го сакам Пасторе. Игра многу малку? Навистина штета. Можеби затоа не го гледам ПСЖ. А Хатем Бен Арфа? Не? Дефинитивно нема да ги гледам“, додаде Кантона.