Top Sport

Капело: Реал се мачат бидејќи не најдоа замена за Роналдо

Реал Мадрид не успеаја да најдат вистинска замена за Кристијано Роналдо, вели поранешниот тренер на клубот, Фабио Капело, посочувајќи дека кога Португалецот бил на „Сантијаго Бернабеу“ противниците секогаш морале да постигнат „барем два гола“.

Роналдо изненадувачки реши да направи трансфер во Јувентус летото 2018 година по девет години во Шпанија, и „кралевите“ не успеаја да освојат титула минатата сезона. Според Капело, Реал имал гарантирано барем еден гол со Роналдо во тимот.

„Како ТВ коментатор би кажал дека ако сакаш да го победиш Реал ќе мораше да дадеш два гола, бидејќи сигурно Кристијано ќе дадеше еден. Истото е и со Барса со Лео Меси. Но, секој тим мора да се менува. Мораш да донесеш фудбалери кои можат да направат разлика на теренот, бидејќи е тешко да се носи дресот на Мадрид или Барса. Ако не си доволно добар, веднаш ќе се загубиш. Истото се случуваше додека бев во Милан, кога некои фудбалери мислеа дека се добри и се губеа на ’Сан Сиро’“, вели Капело.

Според италијанскиот стратег, добро е што Реал има таленти како Родриго, Винисиус Жуниор и Мартин Едегард, но дека од „деца“ не треба да се очекува многу.

„Чекаме да покажат што умеат. Кога бев вторпат во Мадрид потпишавме со Марсело, Фернандо Гаго и Гонзало Игуаин. Во декември дојде претседателот и ме праша зошто не ги ставам во игра. ’Бидејќи се деца, и мора да се почека’. Потребно е искуство и карактер“, додава Капело.

Scroll to Top