Top Sport

Капело: Роналдо најмногу сака да работи со Мурињо

Кристијано Роналдо најмногу од сѐ сака да игра под Жозе Мурињо и навистина би сакал да се врати во Манчестер јунајтед, вели поранешниот тренер на Реал Мадрид, Фабио Капело.

Околу иднината на 33-годишниот Португалец се „врзаа“ многу шпекулации, посебно откако по финалето во Лигата на шампионите, тој посочи дека „било убаво“ да се игра за Реал Мадрид, иако подоцна на фановите на парадата во Мадрид им порача дека „ќе се видат следната година“.

Несигурноста на „Сантијаго Бернабеу“ стана поголема откако и Зинедин Зидан си поднесе оставка, а мајката на Роналдо, Долорес Авеиро изјави дека би сакала тој повторно да игра во Манчестер.

Со неа се согласува и Капело во интервју за „Скај спорт Италија“.

„Мислам дека Роналдо сака да се врати во Манчестер, за да игра за Јунајтед и да работи под сонародникот Мурињо. На Реал ќе му треба некој кој може да постигнува многу голови, а единствен таков играч кој е достапен е Роберт Левандовски. Карим Бензема ќе остане бидејќи Флорентино Перез е негов прв навивач“, вели Капело.

Фото: ЕПА

Scroll to Top