Легендарниот италијански фудбалски тренер, Фабио Капело вели дека екс-претседателот на Милан, Силвио Берлускони уште на крајот на осумдесетите години од минатиот век размислувал за Суперлига. Тој едноставно сакал повеќе мечеви против најдобрите тимови во Европа.
„Берлускони за тоа размилсуваше уште во 1988 година. Тој не можеше да замисли елиминација по само еден меч во ЛШ.
Знаеше да каже `Сакам да ги гледам најголемите клубови на `Сан Сиро`, сакам поинаков фудбал`“ – раскажа Капело за „Скај“.
Италијанецот ги прокоментира и личностите кои стојат зад идејата за Суперлига, првите луѓе на Јуве и Реал – Андреа Ањели и Флорентино Перез.
„Флорентино не е личност која признава своја грешка. Никогаш тоа не го правел, дури и кога ќе донесел играч што не се покажал добро. Сега грешката беше огромна, не можете сред ноќ да дадете изјава и да кажете дека Суперлигата е родена. Перез се уште верува дека може да го спаси проектот што го планираа тој и Ањели“ смета Капело.
Италијанскиот стратег вели дека пропаст за фудбалот доаѓа поради огромните трансфери и превисоките плати на фудбалерите.
„Се започна кога ПСЖ го доведе Нејмар и ја плати откупната клаузула на Барселона. Каталонците тогаш потпишаа со Кутињо и Дембеле. ПСЖ го купи и Мбапе. Од тој момент платите на играчите се зголемија и ситуацијата веќе не се одржува. Нема веќе пари“ смета тој.