Капитенот на Лутон Таун, Том Локјер останува во болница откако колабира на теренот за време на саботното финале од плеј-офот, за пласман во Премиер лигата против Ковентри на Вембли. Информацијата ја потврди менаџерот на Лутон, Роб Едвардс.
Велшанецот Локјер (28) беше пренесен во болница откако падна на теренот без да има дуел со противнички играч, по само 12 минути игра. Лутон на крајот победи на пенали и стигна до Премиер лигата.
„Тој е добро. Во моментов е сè уште во болница му прават многу тестови и проверки. Тој е со најдобрите луѓе”, изјави Едвардс за „Би-би-си“ и дополни.
„Сите бевме во контакт со него и разговаравме со него секој ден. Како што можете да замислите, момците, персоналот, лекари и физиолози. Кога ми испрати порака синоќа, очекуваше дека ќе излезе денес. Не сум сигурен дали тоа ќе се случи“.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на градот Лутон во Бедфордшир, додека играчите и персоналот се возеа во автобус со отворен покрив да го прослават враќањето на Лутон во највисокото ниво за прв пат од 1992 година.
Лутон последен пат играше во највисокото ниво на англискиот фудбал во сезоната 1991/92, последна пред да биде преименувана во Премиер лига, па следната сезона ќе биде прва за клубот во Премиер лигата.
Бидејќи Лутон е практично предградие на Лондон, може да се каже дека англиската престолнина следната сезона ќе има дури осум премиерлигаши. Во лигата веќе се Арсенал, Челзи, Тотенхем, Вест Хем, Фулам, Кристал Палас и Брентфорд.
Нивниот терен во Кенилворт Роуд ќе биде најмалиот во Премиер лигата со капацитет од околу 10.000 седишта. Клубот ќе потроши околу 10 милиони фунти за реновирање на стадионот пред почетокот на следната сезона.