Дефанзивецот Стефан Ристовски – капитенот на фудбалската селекција на Македонија во пресрет на утрешниот квалификациски дуел со Германија за пласман на СП во Катар верува дека може да се повтори чудото од Дуизбург.
„Зошто да не се повтори таков резултат како во Дуизбург, и ние имаме играчи кои се носители во своите тимови. Ако се поклопат работите може да изненадиме. Секој меч е искуство, без разлика дали играте против аутсајдер или гигант. Европското првенство ни е големо искуство кое ќе ни користи. Видовме дека големите репрезентации не простуваат грешки, мора да бидете максимално концентрирани во текот на сите 90 минути ако сакате да дојдете до позитивен резултат“ – вели Ристовски.
За разлика од ЕП, Македонија е без тогашниот кормилар Игор Ангеловски, но и без капитенот, Горан Пандев.
„Секој селектор си има свои идеи, свои новости, секако дека новиот селектор освежи со свои идеи. Ние сме професионалци и треба да ги изведеме тие идеи. Без разлика на противникот, идеите се тие, наше е да одговориме на теренот. Против репрезентација како Германија мора да се одигра со една врвна дисциплина. Горан фали и ќе фали. Но не е професионално да се враќаме назад, треба да гледаме напред. Жал ми е што Барди нема да игра утре, но кој и да игра на негово место ќе одговори на задачата“ – смета капитенот Ристовски.
Фото: ФФМ