Серхио Агуеро ја заврши фудбалската кариера. Еден од најдобрите напаѓачи во последната деценија мораше предвреме да го напушти мечот Барселона – Алавес во октомври поради проблемите со срцето.
Аргентинецот како 15-годишник имал операција на срцето, а во 2017 година на пријателскиот меч Нигерија-Аргентина заврши во болница откако на полувремето колабираше во соблекувалната. Иако уште претходно лекарите му сугерирале да ја заврши кариерата, тој продолжил.
Мигуел Вегас – еден од главните кардиолози кој ја следи состојбата на Агуеро уште од 2004 година ја објасни причината поради која кариерата на фудбалерот мораше да биде прекината.
Објасни за каков облик на срцева аритмија се работи и дека овој тип на срцеви проблеми е карактеристичен за спортисти чии тела се изложени на големи напори.
„Таква аритмија не може да се развие кај `обични` луѓе. Тој има мала лузна на срцето, пократка од еден милиметар, таа ја прави аритмијата. Ние тоа може да го решиме со вградување апаратче. Агуеро потполно нормално ќе живее, ќе може да се занимава со спорт, ама рекреативно. Ова е одлука која мораше да ја донесе за да не биде полошо“ вели Мигуел Вегас.
Агуеро во Манчестер Сити помина 10 години, таму на 390 меча постигна 260 гола и имаше 73 асистенции.
За Барса одигра само 5 натпревари и погоди еднаш, на „Ел Класико“.
За мадридски Атлетико играше на 230 натпревари, постигна 100 гола и имаше 45 асистенции.
За Аргентина имаше 101 настап и 41 гол.