Колумбискиот напаѓач Карлос Бака рекол дека во последните неколку сезони Милан прикажувал најлоши партии во својата историја. Бака во 2015 година од Севилја пристигна во Милан, а на почетокот на оваа сезона клубот го испрати на позајмица во Виљареал.
Милан во последните неколку сезони игра далеку под своето реноме, а во тој период успеа да освои само еден трофеј, и тоа на почетокот на оваа сезона кога го освои Суперкупот на Италија.
„Лично сум задоволен од периодот што го минав во Милан. Потртаните цели ги остварив. Можеше да биде и подобро, но за нешто такво беше потребна поддршка од раководството и тимот. Бев дел од Милан во неговиот најлош период во историјата. Претседателот Берлускони по 30 години реши да го продаде клубот, тренерот Монтела и новото раководство имаа различни идеи“, рекол Бака.
„Јас со крената глава заминав од клубот бидејќи Милан игра во европските купови, а тука има и мој придонес. Тоа беше една од моите цели кога ја напуштав Севилја“, дополнил Колумбиецот.
Карлос Бака за две сезони во Милан одигра 76 натпревари и постигна 34 гола.