Поранешниот аргентински репрезентативен голман, Карлос Роа вели дека бил на чекор до потпис со Манчестер јунајтед во 1999 година, пред трансферот да пропадне поради неговата ненадејна одлука да се пензонира поради стравот од „крајот на светот“.
Аргентинецот беше високо ценет по настапот на Светското првенство во 1998 година, додека Јунајтед бараа замена за Алекс Шмајхел кој замина во 1999 година, меѓутоа како пречка се покажа религиозната убеденост на Роа, како член на адвентистичката црква, и тој се пензионираше како голман на Реал Мајорка на 30-годишна возраст. Тој верувал дека светот ќе заврши во 2000.
„Тогаш бев многу приврзан кон религијата и кон проучувањето на библијата. Одлуката беше тешка, но во исто време и промислена и сите членови на моето семејство се сложија. Луѓето од клубот веруваа дека ќе се вратам и ќе заработат многу пари од трансферот. Денеска, на спиритуално ниво, мислам дека тоа беше добра одлука, иако на спортски план не беше – си заминав во најдобрите денови на мојата кариера. Можев да играм во Англија и да станам уште подобар“, вели Роа за „Дејли мирор“.
Роа се врати на фудбалот една година подоцна, но никогаш не ја врати формата и играше во ниските шпански лиги. Јунајтед се мачеа да најдат за мена за Шмахјел со Марк Боснич, Фабиен Бартез, Рој Керол и Тим Хауард, пред Едвин ван дер Сар да стане сигурен број 1 во 2005 година.