Антоан Гризман, според „Мундо депортиво“, решил каде ќе ја продолжи кариерата. Иако тој никогаш не се изјаснил дека по завршувањето на сезоната ќе го напушти Атлетико, за шпанските медиуми напаѓачот е секогаш интерна тема.
Она што покрај неговите неоспорни играчки квалитети го прави привлечен за врвните европски тимови е откупната клаузула од „само“ 100 милиони евра. Оваа сума без проблем би ја платиле Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Барселона, Реал Мадрид, а ПСЖ отпаѓа од конкуренција бидејќи во тимот го донесоа Килијан Мбапе, а и Гризман немал некоја желба да се врати во Франција.
Најверојатна опција летово беше Манчестер јунајтед, но според истиот извор, по доаѓањето на Лукаку и останувањето на Ибрахимовиќ, тој повеќе не е загреан за тимот кој го предводи Жозе Мурињо.
Исто така, во неговата одлука веројатно пресудна ќе биде желбата на неговата сопруга Ерика Чоперена, која не сака да ја напушта Шпанија.
Поради тоа, „Мундо депортиво“, весник кој традиционално ѝ е наклонет на Барселона, тврди дека поради навивачите на Атлетико, Гризман ќе го одбие Реал, а ќе ја прифати понудата на Барса.
Front Cover MD | “Griezmann Tracked” #FCBlive
• Barça had already enquired about the French striker. pic.twitter.com/a6s9g1FRWi
— Catalan Edition (@CatalanEdition) October 26, 2017
Весникот пишува дека во овој момент за Барселона е поважен неговиот трансфер од оној на Фелипе Кутињо, а и Французинот, колку тоа чудно да звучи, е поевтин од Бразилецот.
Се наведува дека Гризман идеално би се вклопил во играта на Барселона како замена за Нејмар, но и за Луис Суарез бидејќи може да игра на повеќе позиции во нападот.