Катар со 3:1 беше подобар од Јапонија за да ја потврди апсолутната доминација на Азискиот куп на нации во Обединетите Арапски Емирати и да ја освои првата голема титула, на само три години пред домашното Светско првенство, првпат во една арапска земја.
Катар до финалето стигна со гол разлика 16:0 и по апсолутно доминантната победа од 4:0 над домаќините и лути ривали (фудбалски и политички) ОАЕ, и ја преземаа контролата на финалето уште на стартот, со одличните голови на Алмоез (12. минута) и Хатим (27. минута). Јапонците вратија надеж дека можат да направат пресврт и да дојдат до рекордна петта континентална титула, кога Минамино намали на 1:2 во 69. минута, пред Катарците да стават точка на натпреварот во 83. минута со гол од пенал на Афиф.
Ова е историски успех на Катар, арапската земја која вложува огромни пари во спортот, а посебно во фудбалот пред домашното Светско првенство во 2022 година, кога тие за првпат ќе настапат на едно големо светско натпреварување.
Инаку, досега најголем успех на Катарците на еден Азиски куп беше петтото место во 1984 и 1988 и седмото место во 2011 година, кога беа седми на шампионатот во нивната земја. Јапонија, пак, ја освојуваше титулата во 1992, 2000, 2004 и 2011 година.
Не смее да се потцени и успехот на тренерот, Шпанецот Феликс Санчез Бас, инаку поранешен тренер на јуниорите на Барселона, кој како и Пеп Гвардиола, својата тренерска школа ја учи во арапската земја.
Фото: ЕПА