Фудбалерите на Брајтон забележаа убедлива победа во Ковентри (5:0), во натпреварот од четвртото коло од Премиер лигата.
Ковентри стана вториот тим во историјата на Премиер лигата кој ги загуби првите четири натпревари од сезоната без да постигне ниту еден гол.
Враќањето на Ковентри во елитните редови на англискиот фудбал по 25 години требаше да биде причина за оптимизам, но почетокот на сезоната се претвори во вистински кошмар. Тимот на Френк Лампард сега има четири порази од исто толку кола, со гол разлика од 0:15.
Брајтон беше поопасен од почетокот на натпреварот и можеше да поведе веќе во првите минути. Диего Гомес доби одлична шанса по лошата интервенција на Џеј Дасилва, но неговиот моќен удар заврши покрај голот. Во 18-та минута, гостинскиот тим се закани уште двапати, прво, Хараламбос Костулас ја погоди надворешната страна од мрежата, а потоа Малик Џалсуе шутираше директно кон Карл Рашворт.
Ковентри успеа да ја врати рамнотежата во средишницата од првото полувреме. По центаршутот на Ефрон Мејсон-Кларк, Џек Рудони со глава биеше малку над голот, а потоа имаше уште една шанса, кога голманот на Брајтон, Барт Фербруген, направи брилијантна одбрана.
Во еден момент, домашните играчи имаа целосна контрола врз играта, но не успеаја да ги искористат своите шанси. Вербруген повторно се истакна кога сопре опасен волеј од Френк Оњека
Казната домаќините ги стигна во 36-та минута. Костулас се избори за простор во шеснаесетникот и со прецизен удар го погоди долниот лев агол за 1:0.
Брајтон практично го реши прашањето за победникот веднаш по паузата. Малик Џалсује ја искористи грешката на Аурел Аменда, ја освои топката, излезе пред сам голот и го погоди блискиот агол за 2:0.
За Ковентри, ситуацијата стана уште потешка кога Таиво Авони, заработи директен црвен картон .Со играч помалку, домашните повеќе не можеа да им парираат на фудбалерите од Брајтон.
Третиот гол беше постигнат од пенал. Костулас беше соборен во шеснаесетникот, а Паскал Грос беше прецизен за 3:0.
На крајот, Ковентри се обиде барем да ја прекине серијата на голови во Премиер лигата. Брендон Томас-Асанте имаше добра шанса, но Вербруген повторно беше на висина на задачата.
Брајтон продолжи да постигнува уште два гола. Луис Данк ја погоди мрежата со спектакуларен удар од околу 30 метри за 4:0, додека Јасин Ајари ги постави конечните 5:0 во судиското продолжение.
Брајтон ја прекина серијата од три натпревари без победа на гостински терен во Премиер лигата.
Foto/ Depositphotos
