Португалскиот тренер Карлос Кеирош е новиот селектор на фудбалската репрезентација на Колумбија. Кеирош договорил соработка до 2022 година.
„Воодушевен сум што доаѓам во Колумбија. Благодарност до Фудбалскиот сојуз на Колумбија што ме избраа“, рекол Кеирош кој в недела ќе ја има официјалната промоција на новата функција.
Португалецот на селекторската функција го наследи Аргентинецот Хосе Пекерман, кој си поднесе оставка во септември минатата година.
Од друга страна, Кеирош минатата недела го заокружи осум годишниот мандат како селектор на Иран. Португалецот со Иран стигна до полу-финалето на Купот на Азија каде беа елиминирани од Јапонија (3:0).
Карлос Кеирош тренерската кариера ја започнал на кормилото на португалската репрезентација за играчи до 20 години, потоа работел во Спортинг Лисабон, Њујорк Метростарс, Нагоја, Реал Мадрид, а му бил и асистент на Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед.
Исто така бил селектор на Португалија, Обединетите Арапски Емирати, Јужна Африка и Иран.