Top Sport

Кејн: Чувствувам одговорност, 100 милиони се многу пари

Најскапиот играч во историјата на Бундес лигата, новиот играч на Баерн, Хари Кејн, изјави дека во Минхен дошол за да се бори за сите трофеи во клупскиот фудбал.

Кејн во ноќта меѓу петокот и саботата потпиша договор со Баерн, а синоќа дебитираше за новиот клуб на натпреварот од Суперкупот на Германија против Лајпциг (0:3).

„Неверојатно искуство. Дочекот на синоќешниот натпревар беше магичен. Сакам да играм во Лигата на шампионите секоја година и да се борам за титули. Затоа дојдов во Баерн, кој е еден од најголемите клубови во светот. Тоа ми дава можност да освојувам трофеи со овој клуб“, изјави Кејн на официјалната презентација во клубот од Минхен.

Тој призна дека имал тешка недела.

„Ова е мој прв трансфер во кој учествував. Среќен сум што сум тука. Мојот фокус сега е тука, ќе се обидам да му помогнам на тимот. Целата кариера и живот ја поминав во Англија. Ќе треба малку време за да се прилагодат на новата лига, тимовите. Се адаптирав во текот на кариерата во Тотенхем и репрезентацијата, истото ќе го направам и овде. Беше јасно дека ќе биде тешка одлука. Бев во Тотенхем 19 години, клубот е дел од моето срце. Чувствував дека сега е вистинското време да го сменам клубот“.

Новинарите го потсетија Кејн дека финалето на Лигата на шампионите оваа сезона ќе се игра на Вембли.

„Играњето на Вембли е возбудливо. Шансата за триумф на Вембли би била неверојатна за мене. Се надевам дека ќе го постигнеме тоа“.

Тој потпиша договор со Баерн до јуни 2027 година, а германскиот клуб за англискиот фудбалер плати 100+20 милиони евра.

„Тоа се многу пари. Чвствувам одговорност. Платија за да се обидат да прават големи работи и јас го сакам истото. На ист пат сме“, заврши Кејн.

Scroll to Top