„Трите лава“ стигнаа до тешка, но заслужена 2:1 победа над Тунис за добар старт на Мундијалот, а прва ѕвезда беше супер-напаѓачот на Тотенхем, Хери Кејн, кој со гол во 91. минута го „реши“ победникот.
Англичаните имаа фантастичен старт на мечот, откако уште во втората минута, по акцијата на Деле Али, Џеси Лингард упати одличен удар а тунискиот голман Хасен имаше супер-одбрана. Веќе во четвртата минута, Лингард повторно влезе во шестнаесетникот, но Рахим Стерлинг пропушти голема шанса.
Хери Кејн во деветтата минута имаше силен удар, а само минута подоцна по ударот со глава на Стоунс, Кејн конечно го најде патот во мрежата на африканскиот тим. Проблемите за Тунис се зголемија откако голманот Муез Хасан не можеше да ог продолжи натпреварот и беше заменет со Фарук Бен Мустафа. Лингард во 23. минута имаше уште една голема шанса, но шутираше премлако.
„Казната“ стигна во 31. минута, кога Кајл Вокер направи несфатлив фаул за пенал за Тунис, а Саси беше сигурен од белата точка, иако Пикфорд му го процени ударот. До крајот на полувремето, Лингард уште двапати се најде во шанса – во 42. минута остана сам пред голманот, но шутираше покрај голот, а во 44. минута го погоди дирекот.
Англичаните исто така сметаа дека двапати се оштетени за пенал во првото полувреме, меѓутоа колумбискиот судија Ролдан реши да не го консултира ВАР системот, посебно за очигледниот фаул над Кејн.
Going to give the Tunisian defender the benefit of the doubt and assume he was trying to save Harry Kane from a giant flying insect. #ENG #worldcup pic.twitter.com/4GQCY3SzgF
— JOE.co.uk (@JOE_co_uk) June 18, 2018
Во второто полувреме, Тунижаните малку ја вратија рамнотежата во мечот и веќе не дозволуваа толку многу шанси. Англискиот селектор Герет Саутгејт се обиде да внесе свежина со Маркус Рашфорд и Рубен Лофтус-Чик во средината на полувремето, додека Тунис беше задоволен да го држи резултатот.
Сепак, за вистинска акција пред голот на Тунис се чекаше до 91. минута, кога по еден корнер, Кејн се најде сам пред голот и со глава елегантно стигна до победничкиот гол.
За Англија ова е клучен чекор напред кон втората рунда, посебно бидејќи Белгија со 3:0 ја совлада Панама и сега двете европски репрезентации се фаворити за првите две места. Следни за Англичаните се Панамците, додека на крај следува големата пресметка со Белгија.
Фото: ЕПА