Два и пол месеци по завршувањето на фазата по групи, најдобрите европски тимови ќе ја започнат заврпната борба за највредниот пехар во клупскиот фудбал. Расплетот, односно нокаут фазата, стартува вечерва со натпреварите Јувентус-Тотенхем и Базел-Манчестер Сити.
Тотенхем ќе биде вистинскиот тест за одбраната на ветерани на „старата дама“ од Торино. Ова што треба да е лајт мотив на овој осминафинале двомеч е соочувањето на легендарниот голман на Јувентус Џиџи Буфон со првиот стрелец во Премиер лигата оваа сеозна Хари Кејн.
Јувентус се наоѓа во добра серија, нема пораз од 19.ноември минатата година, тогаш Сампдорија ги надигра „црно-белите“, но од тој момент играчите на Макс Алегри во сите натпреварувања имаат скор од 14 победи и три ремија.
„Пред нас е голем натпревар. не чека тешка задача, но ние фудбалерите најмногу сакаме да играме вакви натпревари. Сакаме да видиме каде се наоѓаме во однос на најдобрите. Јувентус е брилијантен последните години во Лигата на шампионите“, рекол пред мечот првиот стрелец на Тотенхем, Хари Кејн, чии тим фазата по групи ја заврши пред Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
Англискиот репрезентативец игра неверојатна сезона, на 33 натпревари од почетокот на сезоната има постигнато 32 гола. Покрај него движечката сила на Тотенхем е и Данецот Кристијан Ериксен.
Лондонскиот тим кој во краток период одигра нерешено со Ливерпул, а потоа го победи Арсенал, ќе има тешка задача во Торино бидејќи Јувнетус е непоразен на домашен терен на последните 27 натпревари.
„Мораме да бидеме внимателни и доколку сакаме да ја минеме оваа фаза, а тоа го сакаме, потребно е да одиграме добро и во Лондон“, рекол тренерот на Јувентус, Алегри.
Јувентус во изминатите три сезони два пати играше во финалето, но не успеа да ја освои титулата.
„Клубот порасна, исто и играчите, во делот на самодовербата. Секогаш вечам дека само реал е поуспешен од Јувентус во европските натпреварувања, во последните неколку години“, дополнил Алегри.
Движечка сила на Јувентус треба да биде Гонзало Игуаин чија форма оди во нагорна линија. Аргентинецот на последните четири натпревари постигна шест гола.
Тренерите Алегри и Маурисио Почетино имаат одредени кадровски проблеми пред дуелот во Торино.
Дибала е повреден, но тој во понеделникот тренираше со соиграчите, а неизвесен е настапот на Андреа Барзаљи. Извесно е дека поради повреди на овој меч нема да играат Блез Матуиди и Хуан Квадрадо.
Тотенхем ќе биде без белгискиот дефанзивец Тоби Алдервирлд.
Неизвеснот не би требало да има во вториот двомеч помеѓу Базел и Манчестер Сити. „Граѓаните“ сезонава делуваат како казнена експедиција, со двете раце ја држат титулата во Премиер лигата, а имаат високи цели и во Лигата на шампионите.
За менаџерот Пеп Гвардиола проблем нема да биде ниту фактот што тимот ќе го составува без повредените Габриел Жесус, Лирој Сане, Бенџамин Менди и Давид Силва.
„Ќе се бориме за трофеите во сите натпреварувања. Имаме тим кое е способен да го направи тоа“, рекол Гвардиола.
Лига на шампиони, осминафинални двојки:
13.февруари: Јувентус-Тотенхем и Базел-Манчестер Сити
14.февруари: Реал Мадрид-ПСЖ и Порто-Ливерпул
20.февруари: Баерн Минхен-Бешикташ и Челси-Барселона
21. февруари: Шахтјор-Рома и Севилја-Манчестер Јунајтед