Фудбалерите на Тотенхем Хари Кејн и Хари Винкс емотивно се збогуваа со тренерот Маурицио Покетино, кој вчера отстапи од функцијата.
Двајцата, преку социјалните мрежи, му се заблагодариле за влијанието што го имал врз нивните кариери. Инаку, англиските медиуми претходно пишуваа дека некои фудбалери ја „минирале“ работата на Покетино.
„Шефе засекогаш ќе ви бидам благодарен што ми помогнавте да ги остварам своите сништа. Имавме одлични моменти во изминатите пет и пол години што никогаш нема да ги заборавам. Ми беше менаџер, но исто така ми беше и пријател, ти благодарам на прекрасната соработка. Среќно во новото поглавје“, напишал Кејн.
Слична порака има и Винкс кој под водство на Покетино доживеа целосна афирмација и стана стандарден член на англиската репрезентација.
„Ми даде шанса. Дас не беше тој јас не би бил она што сум денес. Секако морав напорно да работам за да стигнам дотука, но секогаш е тешко да се добие шанса во првиот тим и поради тоа секогаш ќе му бидам благодарен на менаџерот што ми пружи шанса“, напишал Винкс.
Шокирани од заминувањето биле и Бен Дејвис, односно Деле Али.
„Шокиран сум. Беше неверојатно искуство да се работи со него. Убеден сум дека ќе биде уште поуспешен во понатамошната работа“, рекол Дејвис, кој синоќа играше за Велс против Унгарија.
„Никогаш нема да можам доволно да ти се заблагодарам. Направи многу за мене. Пријателе, се надевам дека повторно ќе се сретнеме“, напишал на Твитер, Деле Али.
Тотенхем утрово потврдија дека нов тренер е Жозе Мурињо. Португалецот ќе дебитира в сабота против Вест Хем.