Откако поранешниот фудбалер на Арсенал, Џек Вилшир се жалеше дека не може да им каже на своите деца дека не може да најде клуб, сега во слична ситуација се наоѓа и поранешниот фудбалер на Ливерпул, Енди Керол.
32-годишниот Керол, кој ја почна кариерата во Њукасл, во 2019 година се врати во клубот од детството, но во 43 настапи имаше само еден гол, по што клубот го отпушти на крајот на сезоната. Претходно тој играше седум години за Вест хем, и на шега вели дека неговите пет деца мислат дека следен договор ќе му биде со Манчестер сити или Барселона.
Керол има две деца од претходниот брак (Емили Роуз и Лукас) и три со новата партнерка Били Маклоу (Арло, Волф и Марвел Меј).
„Децата уште си мислат дека ќе одам во Ман Сити или во Барселона, што знаеме дека нема да се случи. Но, ме тераат да си најдам клуб и сакам да го направам тоа. Сакам да играм пред семејството. Желбата и страста не се намалени. Имав среќа што ме плаќаа за моето хоби. Да не ми беше работа, ќе играв со моите пријатели“, вели Керол.