Шефовите на францускиот оддел на американскиот гигант за брза храна, „КФЦ“ размислуваат за тужба против Килијан Мбапе, откако тој одбил фото-сесија со членовите на француската репрезентција.
Според француските медиуми, 23-годишната ѕвезда на Пари Сен-Жермен одбива да биде дел од фото-сесиите со француската репрезентација поради нивните спонзори, бидејќи сака да си ги заштити правата на својот лик и своите лични спонзори. Алан Берал, потпретседателот на „КФЦ Франција“ не е задоволен.
„Ние плативме за нешто што беше јасно кажано. Ако биде потребно, ќе си ги побараме нашите права на суд“, вели Берал.
По ова „КФЦ Франција“ во посебна изјава „ретерираше“ со изјавите.
„’КФЦ Франција’ жали за изборот на зборови кои беа искористени вчера, бидејќи тоа се лични мислења, кои не ги рефлектираат ставовите на компанијата. Партнерството помеѓу ‘КФЦ’ и Француската фудбалска федерација, секогаш било причина за гордост на компанијата“, се вели во соопштението објавено за „Ројтерс“.