Top Sport

Кин: Кантона сакаше да го убие полицаецот во Истанбул! (видео)

Рој Кин открива дека Ерик Кантона ветил дека ќе го убие полицаецот кој го удри по глава во неславниот дуел со Галатасарај во Лигата на шампионите во 1993 година.

Кантона доби црвен картон во последните секунди од мечот поради навреда на швајцарскиот судија Курт Ретлисбергер, додека „ѓаволите“ одиграа само 0:0 и испаднаа по 3:3 ремито на „Олд Трафорд“. При заминувањето во соблекувалната, Кантона беше удрен од полицаец на скалите од тунелот  по што се случи хаос во кој настрада и Брајан Робсон, кој доби шест конци на лактот.

Сега, во новата книга „Кралот Ерик – портрет на уметникот кој го смени англискиот фудбал“, Кин открива што точно се случило.

„Во соблекувалната Ерик полуде. Реши да излезе надвор и да се пресмета со полицаецот кој имаше пендрек во раката. Ерик беше голем и силен и најопасно од сѐ беше сериозен. Инсистираше дека ќе го ’убие копилето’. Алекс Фергусон, неговиот помошник Брајан Кид и неколку фудбалери мораа да го сопираат. Јас обично не се повлекувам од тепачка, но дури и јас не бев за оваа. Имаше многу Турци надвор“, пишува Кин.

Фудбалерите потоа добиле наредба да се тушираат во двојки за Кантона да не остане сам во соблекувалната. Кога тој беше одведен во автобусот, тој беше нападнат со камења и цигли. По мечот Фергусон изјави дека не видел и почувствувал толку непријателско однесување во својата кариера.

Scroll to Top