Top Sport

Кинезите му се налутија на Меси, го откажаа мечот на Аргентина во Гуангжу

Репрезентациите на Аргентина и Нигерија следниот месец нема да одиграат пријателски натпревар во Гуангжу, бидејќи властите на тој град решија да го откажат натпреварот.

Причината е невообичаена, во Кина стравуваат дека мечот може да биде еден вид навивачка одмазда кон иконата на Аргентина, Лионел Меси.

Затоа го откажаа претходно закажаниот натпревар.

Меси не е омилена личност во тој дел од светот овие денови бидејќи го навлече гневот на навивачите за време на неодамнешното гостување на Интер Мајами во Хонг Конг. Интер во Хонг Хонг одигра пријателски натпревар со Ол-стар селекцијата на градот.

Навивачите кои скапо платија билети за да го видат Меси на дело, на крајот останаа разочарани, бидејќи Аргентинецот остана на клупата.

Тој негов потег го сфатија како навреда, што веднаш го покажаа со своето незадоволство и навреди кон сопственикот на Интер, Дејвид Бекам, но и кон Меси.

Имајќи го предвид расположението на навивачите во Кина, домаќините на мечот Аргентина – Нигерија решија сепак да го откажат мечот за да нема непријатни ситуации за Меси.

Организаторите на натпреварот во Хонг Конг најавија дека ќе вратат половина од парите од заработката на билетите за натпреварот меѓу Интер и репрезентацијата на Хонг Конг, бидејќи Меси не играл.

Меси дополнително го разгоре гневот на навивачите во Кина играјќи пријателски натпревар во Јапонија против Висел Кобе три дена подоцна.

Се уште не е познато дали ќе биде откажан и вториот натпревар на Аргентина на кинеско тло во тој период, против Брегот на Слоновата коска во Пекинг.

Scroll to Top