Техничкиот директор на Лос Анџелес галакси, поранешниот американски фудбалер со македонско потекло, Јован Кировски вели дека Златан Ибрахимовиќ нема да замине во Милан и ќе остане во неговиот тим и следната сезона.
Денеска италијанските весници и медиуми шпекулираа дека агентот на Швеѓанецот, Мино Рајола во Милано ги договара деталите за враќањето на Златан на „Сан Сиро“, каде што играше од 2010 до 2012 година и освои една титула од Серија А. 37-годишниот Швеѓанец постигна 22 гола во 27 меча за Галакси во првата сезона во МЛС и Кировски сака ѕвездата да остане во САД.
„Ибрахимовиќ е фантастичен фудбалер за нас и целата МЛС лига. Тој е најдобриот фудбалер кој пристигнал во Америка, вистински убиец, кој секогаш сака да постигнува голови и да победува. Неговиот договор не истекува, бидејќи има уште една година со нас и сакаме да биде среќен и да продолжи. Има многу одлични фудбалери, но никој не е како него“, вели Кировски за „Скај Италија“.
Според многу извори, токму Кировски бил клучниот човек кој го убедил Ибрахимовиќ да потпише за Галакси од Манчестер јунајтед, бидејќи тој верувал во неговото враќање во форма по повредата на коленото.