Јувентус, викендов, во дербито славеше над Милан 2:1 и стекна 20 бода предност на челната позиција во однос на Наполи. Фудбалерите на „старата дама“ со пресврт ги победија Милан, а натпреварот го обележаа грешките на судијата Микаеле Фабри.
„Ужасно сме разочарани одигравме сјајно, а останавме без бодовите. Дербито го решија судиските грешки. Навистина не ми се јасни одлуките на судијата“, рекол спортскиот дирекот на Милан, Леонардо, по завршувањето на натпреварот.
Фабри, во 34 минута, не досуди очигледен пенал за Милан. Алекс Сандро играше со рака пред својот гол, а судијата иако ја прегледа снимката не покажа на белата точка. Уште еден превид Фабри, но и судиите во ВАР-собата направија во финишот кога не го исклучија Марио Манџукиќ. Поранешниот хрватски репрезентативец без топка го удри капитенот на Милан, Алесио Ромањоли.
Фабри и неговите помошници на теренот не ја забележаа ситуацијата, а исто така не реагираа ниту од ВАР-собата, иако во ТВ преносот неколку пати беше повторена снимката.
Италијанските медиуми најавија дека во текот на оваа недела претставници на Милан ќе се сретнат со луѓето од судиската комисија и ќе добијат извинување за лошото судење.
Се шпекулира дека Фабри ќе биде суспендиран на два натпревари и дека до крајот на сезоната нема да му суди на Милан, а казна го очекува и Манџукиќ.