Иако во финалето на Лигата на шампиони играат фудбалските великани Реал Мадрид и Ливерпул, „Олимпискиот стадион“ во Киев нема да биде полн до последното место, со барем неколку илјади празни места.
Очекувањата велат дека барем 2.000 места на трибините ќе бидат без гледачи, ако се смета враќањето на билетите и откажаните летови до украинската престолнина. Дури 1.400 билети беа вратени од навивачите на Реал откако не може да си го приуштат скапиот авионски лет од над 1.000 евра.
Ливерпул исто така имаше проблеми со изборот на локацијата за големото финале, откако дури три лета до Киев беа откажани.
Ќе видиме дали ова ќе значи во иднина УЕФА да ги доделува големите финалиња само во западноевропските фудбалски метрополи. Следната година финалето на ЛШ е на „Ванда метрополитано“, прекрасниот нов дом на Атлетико Мадрид, додека во 2020 година, тоа се враќа на Босфорот, во Истанбул.
Фото: ЕПА