Top Sport

Кјелини се потсмева со Наполи, Тонели му одговори

Џорџо Кјелини се потсмеваше со тимот на Наполи, велејќи дека тие „славеле предвреме“ и не покажале почит кон Јувентус, кој во неделата го запечати седмото скудето во низа.

Дефанзивецот не играше во неделата поради повреда, но по прославата на титулата реши да се „отвори“.

„Прекрасна сезона, но повторно не добиваме почит за тоа што го остваруваме. Пишуваме нова историја на италијанскиот фудбал и мораме да им се заблагодариме на тие кои не мотивираа. Многумина не покажаа почит, и сега можеме да го кажеме тоа. Ние сме најдобри. Не треба да прославуваш предвреме. Јувентус губат финалиња бидејќи играат финалиња, додека другите едвај одат до осминафинале. Тоа треба да им е јасно на сите“, изјави Кјелини.

Наполи победи во Торино за да ја намали разликата на само еден поен, но веќе во следното коло Јувентус се врати за 3:2 победа над Интер на „Сан Сиро“, додека Наполи загуби со 3:0 од Фиорентина.

Дефанзивецот на Наполи, Лоренцо Тонели не можеше да остане тивок на ова провокација, оценувајќи дека Јувентус се плашел од „малиот клуб од југот“.

„Кога победникот, наместо да размислува за својата победа, размислува за тие кои ги победил, значи дека до неа стигнал со страдање. Тие не веруваа дека можат да успеат оваа сезона. Ние сами ја загубивме титулата, но чувството е поинакво. Секоја чест за тие кои веруваа во нас до последниот момент“, вели Тонели.

Scroll to Top