Поранешноот напаѓач на Тотенхем, германската фудбалска легенда Јирген Клинсман вели дека би сакал да види како Герет Бејл се враќа во својот матичен клуб не сфаќајќи зошто си го троши времето на клупата на Реал Мадрид.
Велшкиот напаѓач е „замрзнат“ на „Бернабеу“ откако тренерот Зинедин Зидан јасно му порача дека не смета на него, а 31-годишниот Бејл изјавуваше дека е подготвен да седи на клупата и да ја добива превисоката плата до летото 2022. Клинсман вели дека тоа е грешка.
„Времето минува бргу за фудбалерите и не можеш да си дозволиш да го трошиш времето. Најлоша казна за еден фудбалер е да седи на клупата, бидејќи мора да игра. Порано или подоцна ќе мора да размислува за трансфер. Знам дека за професионалните фудбалери е важно да се заработува добро за да може да се стават пари на страна за посигурна иднина, но потоа важно е да се игра и да се даваат голови. Парите веќе не треба да бидат важни во неговата одлука да се врати во Тотенхем. Таков фудбалер мора да го гледаме секоја недела на ТВ“, вели Клинсман.