Јирген Клоп не е загрижен за тоа каде ќе биде тој во историјата на фудбалскиот клуб Ливерпул, и инсистира дека победата во Премиер лигата би била за „луѓето“, а не за него.
Германецот ги предводеше „црвените“ до два последователни финиши во топ 4 во Премиер лигата, но трофеите засега му недостасуваат по поразите во три финалиња, вклучувајќи го и минатогодишното финале на ЛШ од Реал Мадрид, покрај поразите од Манчестер сити (ЕФЛ купот) и Севилја (Лига Европа).
Меѓутоа, оваа година, надежите на „Енфилд“ се огромни, откако клубот е во четврт-финалето на ЛШ (каде што ќе игра со Порто), а во Премиер лигата, Манчестер сити бега само еден поен. Клоп вели дека само со трофеи тој ќе биде запаметен како успешен менаџер.
„Не знаете колку малку ме интересира да оставам нешто во историјата на Ливерпул. Никогаш не сум важен јас. Мојата работа е да помогнам тимот да биде што е можно поуспешен, а не да бидам запаметен 50 години подоцна. Ја сакам мојата работа, мислам дека имам фантастичен тим и тоа е сѐ што ми е потребно да сум среќен. Ја почитувам желбата на навивачите, на фудбалерите и можам да бидам дел од тој сон, но јас не сум тој што е важен, туку луѓето. Не ми е грижа кој ме суди. Господ ќе ме суди еден ден. Тоа што другите го зборуваат, воопшто не е важно“, вели Клоп.
Фото: ЕПА