Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп имал интересна реакција откако неговиот фудбалер Енди Робертсон му кажал дека е именуван за нов капитен на шкотската фудбалска репрезентација.
Германецот го нарекол 24-годишниот лев бек „вистински Брејвхарт“ според славниот филм од 1995 година со Мел Гибсон во главната улога на Вилијам Волис, шкотскиот херој од војните за независноста на Шкотска против Англичаните на крајот на 13. век.
Робертсон, кој има 26 настапи за Шкотска, со своите стабилни игри во Ливерпул го убеди селекторот Алекс Меклиш да го направи капитен.
„Му пратив порака на Клоп: ’Знаеш, само што станав капитен’. Тоа беше од почит бидејќи не сакав да разбере од друго место. И тој ми врати со големи букви: ’Сега си вистинскиот шкотски Брејвхарт’. Фантастично“, открива Робертсон.
Робертсон ќе ја предводи Шкотска на мечот со Албанија од Лигата на нации во Лигата Ц, но без разлика на тој резултат, тие ќе мораат да го победат дома Израел во вторник за да влезат во плеј-офот.
Фото: ЕПА