Top Sport

Клоп ги брани Јунајтед по барањата „ѓаволите“ да се казнат за Б-тимот против Лестер

Иако токму неговиот тим можеби беше најоштетениот по одлуката на Оле Гунар Солскјер да постави Б-тим на вчерашниот меч со Лестер, Јирген Клоп има целосно разбирање за тренерот на Манчестер јунајтед, велејќи дека и тој би постапил како него откако дел од фановите сметаа дека „ѓаволите“ треба да бидат казнети за 1:2 поразот.

Јунајтед загубија дома откако Солскјер направи неверојатни 10 промени од тимот кој ја победи Астон вила 48 часа порано, а веќе утре ќе се судрат со Ливерпул на „Олд Трафорд“ во одложениот меч.

Победата на Лестер значи дека Ливерпул имаат само теориски шанси за пласман во топ 4 и во Лигата на шампионите, но Клоп вели дека Солскјер едноставно немал избор и вели дека вината е кај Премиер лигата и нивното „лудо“ планирање.

„Тоа беше составот кој го очекував. Можеби не целосно, но знаев дека ќе мора да направи промени. Играат сабота-вторник-четврток, што е криминал. Тоа не е вина на Оле Гунар Солскјер и на неговите играчи. Прашањето кое си го поставив беше: ‘Дали и јас би го направил истото’. И одговорот е ДА! Мораш да го направиш тоа. Сезоната е при крај, а Јунајтед играат финале на Лига Европа. Објаснувањето на Премиер лига е дека никој не требаше да страда од протестите во Манчестер. Тоа не помина најдобро, нели? Можеби малку Вест хем и Ливерпул. Ако не влеземе во Лигата на шампиони тоа не е вина на Оле Гунар Солскјер, туку наша“, вели Клоп.

Scroll to Top