Менаџерот на Ливерпул во моментов работи со напаѓачи како Мохамед Салах и Садио Мане, но признава дека неговиот поранешен играч во Борусија Дортмунд, Роберт Левандовски е најдобриот со кого имал чест да работи.
Клоп освои две титули од Бундеслигата со Дортмунд во 2011 и 2012 година, што е последен пат кога друг клуб освен Баерн бил германски шампион. Во интервју со „Билд“ тој не се двоумеше кој бил најдобриот фудбалер со кого работел.
„Роберт Левандовски! Нема да биде фер да кажам дека е некој друг фудбалер освен Леви. Тоа што го направи со својот потенцијал, како се ‘туркаше’ да стане фудбалер кој е денеска, тоа е неверојатно. Да, тој има талент пред голот, но ги направи сите потребни чекори да стане гол-машиона. Сите! Се вклучии во фудбалот, знае што да направи во секоја ситуација и каде треба да оди. Леви е вистинска машина“, вели Клоп.
Левандовски и Клоп почнаа да работат во 2010, кога тренерот го донесе од Лех Познањ кога Полјакот имаше само 21 година. Тие поминаа четири години заедно, во кои Левандовски постигна 103 гола во 178 настапи, пред да замине како слободен играч во Баерн Минхен во 2014, една година пред Клоп да си замине од Дортмунд.
И Левандовски неодамна ја искажа својата воодушевеност од Клоп, нарекувајќи го „втор татко“.