Тренерот на фудбалерите на Ливерпул, Јирген Клоп, им поделил комплименти на играчите за изведбата во Минхен, во осмина-финалниот реванш со Баерн. „Црвените“ со победата 3:1 изборија пласман во четврт-финалето во Лигата на шампионите.

„Одигравме многу зрело во второто полувреме. Моравме повеќе да играме фудбал во првиот дел. Во моментите кога игравме фудбал ја уништувавме играта на Баерн. Резултатот е заслужен“, рекол Клоп, а потоа проговорил за повредата на капитенот Џордан Хендерсон и за првиот гол што го постигна Садио Мане.

„Беше тешко кога останавме без Хендерсон (13 минута), се надевам дека повредата не е сериозна. Кога мора рано да извршите измена тоа не е добар знак, но она што потоа го направивме беше сјајно. Првиот гол на Мане веројатно треба да го гледам 500 пати. Направи нешто извонредно“, заклучил Клоп, кој прв пат како тренер успеа да го победи Баерн во Минхен.