Јирген Клоп, првпат во кариерата по седум обиди, успеа да слави на „Олд Трафорд“, откако Ливерпул стигнаа до импресивна 4:2 победа над лутите ривали Манчестер јунајтед во меч кој беше првично одложен, но ниту овие три поени можеби нема да бидат доволни за пласман во Лигата на шампионите.
Мечот требаше да се оддржи минатата недела, но навивачите на Јунајтед, бесни на газдите влетаа на теренот на „Олд Трафорд“ и предизвикаа откажување. За малку ќе се случеше слична ситуација и денеска, кога се обидоа со автомобили да го блокираат автобусот на Ливерпул, но огромното обезбедување и полицијата успеаја да го сочуваат мирот.
„Ѓаволите“ почнаа одлично, кога во 10. минута, Бруно Фернандеш упати убав удар, а Нет Филипс ја смести топката во сопствената мрежа. Но, крајот на полувремето, целосно помина во знак на „црвените“ на Јиген Клоп – прво Диого Жота по катастрофалната реакција на одбраната на Јунајтед, израмни во 34. минута, за во финишот на полувремето, Роберто Фирмино по еден слободен удар да донесе водство за гостите.
Шокот беше уште поголем, кога во 57. минута, Фирмино со вториот гол зголеми на 1:3 по лошата реакција на голманот Дин Хендерсон. Меѓутоа, „ѓаволите“ не се откажаа до крајот и во 68. минута, Маркус Рашфорд го постигна петтиот гол против Ливерпул во пет меча, за да намали на 2:3 и да придонесе домаќините да тргнат по израмнување, до кое на крајот не стигнаа, туку Мо Салах ги казни во 90. минута за конечни 2:4.
Ова е втор домашен пораз во низа за „ѓаволите“ во третиот меч во само шест дена, откако во саботата загубија со 1:2 од Лестер, додека за Ливерпул победата може да значи многу, бидејќи сега се на -4 поени од четвртопласираниот Челси, а имаат и натпревар помалку во однос на „сините“ (Ливерпул има уште три меча до крајот на сезоната, а Челси уште два).
Графика: Sofascore за Топспорт.мк